Во просториите на граѓанската организација Откритие се одржа официјална средба со министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска и амбасадорот на Република Франција во Северна Македонија Кристоф Л’Риголер, посветена на иницијативата за законска заштита на македонскиот рубин како природно богатство од национално значење.
На средбата, претставниците на Откритие ја презентираа својата долгорочна визија за воспоставување правна и институционална рамка за заштита и промоција на македонскиот рубин, како и резултатите од соработката со Националниот музеј за природни науки во Париз и други стручни институции во земјата.
Министерката Сања Божиновска ја истакна подготвеноста на Министерството за енергетика и рударство да ја поддржи иницијативата на Откритие, нагласувајќи дека заштитата на рубинот претставува значаен чекор кон одговорно управување со минералните ресурси и зачувување на националното природно наследство.
Амбасадорот Кристоф Л’Риголер ја поздрави научната и културната димензија на проектот, потенцирајќи дека ваквите иницијативи придонесуваат за јакнење на француско-македонската соработка во областа на науката, образованието и културното наследство.
Средбата заврши со заедничка определба за продлабочување на институционалната и меѓународната соработка и за подготовка на предлог-закон за заштита на македонскиот рубин, кој ќе овозможи негово официјално признавање и меѓународна промоција.

Текстот го подготвија Илија Петковски и Искра Бекриќ
Фотографии преземени од официјалниот сајт на Министерството за енергетика и рударство на Република Северна Македонија

