Членството на Здружението „Откритие“ во ProGEO – Европската асоцијација за заштита на геонаследството претставува историски чекор за Македонија и значајно проширување на хоризонтите на нашата научна и културна заедница. До неодамна, Македонија беше единствената европска земја без свој претставник во оваа престижна мрежа која ги обединува водечките експерти, институции и организации посветени на проучување, заштита и промоција на геолошкото наследство.
Со вклучувањето на „Откритие“, нашата земја конечно доби сопствено место на европската геонаучна мапа, отворајќи нова ера на регионална соработка, размена на знаење и искуства, како и иницијативи за геопаркови во Македонија. Членството овозможува активно учество во проектни и едукативни програми за млади и деца, промовирајќи ги природните богатства и геонаследството на Македонија пред европската публика.
„Откритие“ сега има можност директно да ја афирмира македонската геолошка и минералошка разноликост, вклучувајќи го и рубинот како национално богатство, преку изложби, научни проекти, теренски активности и меѓународни размени.
Ова членство ја потврдува нашата мисија – Македонија да стане активен учесник, а не пасивен набљудувач, во европските текови на заштита и вреднување на природното наследство, со посебен фокус на образование, младинска едукација и регионална соработка.

Текстот го подготвија Илија Петковски и Искра Бекриќ
Фотографии преземени од официјалниот интернет сајт на ProGEO : https://www.progeo.ngo/

